Македонија се простира на делот на Балканскиот Полуостров што е ограничен на север со Косово и Србија, на исток со Бугарија, на југ со Грција и на запад со Албанија. Нејзината вкупна површина изнесува 25 411 км2.
Македонија има мошне карактеристичен релјеф, во кој големите и високи планински масиви се сменуваат со пространи и зарамнети котлини и полиња. Котлините се меѓусебно поврзани со ниски седла или, пак, со длабоки клисурести прооди (Дервенска, Таорска, Велешка, Демир Капија и Циганска Клисура на Вардар). Некои од котлините, пак, се покриени со езера, како што се Охридското, Преспанското и Дојранското.
Релјефот на Македонија е богат со различни и многу важни минерали. Кратовско-злетовскиот масив е богат со оловноцинкови руди, а Љуботенскиот масив крие во себе хромна руда. Железни руди содржат кичевскиот и демирхисарскиот басен, варовниците, пак, од планината Баба Сач (Кичевско) се придружени со појава на манганови руди, додека во мариовско-мегленската област се наидува на антимонови и арсенови руди итн. Во Македонија има наоѓалишта и на многу неметали, како што се талк, магнезит, азбест, лискун, дијатомејска земја, цементен лапорец, кварцен песок, кварцит, силекс и др. Најпосле и самите карпи од кои е изграден релјефот на Македонија нудат големи количества гранит, базалт, травертин и мермер.
Скоро целата територија на Македонија лежи на помеѓу 40 степен и 42 степен северна географска широчина и претставува преодно подрачје меѓу медитеранската и континенталната клима. Топлите и сушни лета во Македонија доаѓаат до полн израз, така што во екот на вегетацијата има многу топлина, а малку влага. Врнежите се многу мали. Најголеми се во западните предели, околу 700 мм, а најмали се во средното Повардарје, во Тиквеш (само 450 мм). Распоредот на врнежите е мошне непогоден, така што скоро редовно во екот на вегетацијата се чувствува недостиг на влага.
Во Македонија се одгледуваат земјоделски култури карактеристични за континенталните подрачја (пченица, пченка, компир, средноевропско овошје и др.), а исто така и медитерански (памук, афион и др.). Покрај климата, разнообразието на земјоделското производство го обусловува и почвата, која во Македонија претставува вистински мозаик од типови и поттипови. Слично разнообразие се гледа и кај вегетацијата: од маслинката која, како изразито медитеранска култура, е потисната далеку на југ, преку листопадните шуми (дабова, костенова, букова), до иглолисните растенија, кои се задржале делумно во високите предели на Огражден и Пелистер и сосем малку на некои други места. На преку 1 600 м надморска височина започнуваат високопланинските пасишта, какви што ги има и во низините. Околу блатата е присутна блатната растителност, а долните текови на реките се карактеризираат со низинска вегетацијата.
д-р Александар Стојановски, д-р Иван Катарџиев,
д-р Данчо Зографски, д-р Михаило Апостолски
Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга
Скопје, 1988 година