Има нешто зачудувачки привлечно во градот Скопје и неговата околина. Скопје е натопен со преданија, вистински историски настани, а недвојбено е полн со сè уште неоткриени научни докази. Скопје е поставен на крстопат, освојуван, рушен, пален, подложен на земјотреси, секогаш бил вистинско засолниште на разнородни култури низ вековите.
Денес Скопје е современ град, главен град на самостојна Република Македонија. Урбанистички градот е со недоречени и бесмислени решенија, небаре еден град легнал на друг. Судирите на старите и новите улици и различните култури се така чудно испреплетени така што веруваме дека на туристите ќе им биде многу занимливо талкањето низ градот при што ќе ги откриваат ковчезите на културното благо и блесоците на надарените градители. Во Скопје можете да седнете на некој камен, а да не забележите дека е дел од некогашно величествено здание. Во стариот дел на градот има археолошки слоеви до 6 м длабина. Не случајно, Скопје е едно место на напластени култури.
Тој е на крстопат на оските исток – запад (азиската) и север – југ (европската) и секогаш бил место на собитија, борби и разговори. Просторот зрачи и зборува, а времето е тука некако неважно, совршено место за засолниште на разнородни култури, достапно за сите спротивности, малку подзаспано, но крајно отворено. Скопје ве прифаќа, ве опушта и наеднаш сте свесни за минливоста. Чуден некој град, лежерен во своето богатство, свртен со своето сончево лице кон гостите, секогаш мили и драги. Мостовите на реката Вардар го сврзуваат левиот брег – стариот град и неговиот десен брег. Каде и да одите морате да го видите Камениот мост, тој е прекрасен и величествен. Застанати на Камениот мост добивате впечаток за скопската котлина, која е на 245 м надморска височина. На југ е планината Водно, а на север Скопска Црна Гора. На југозапад се наоѓа планината Сува Гора, а зад неа величествената Шар Планина. Вардар тече шумно, брзајќи кон Егејското Море.
Добредојдовте во засолништето на цивилизацијата!
„Водич низ белезите на разнородните
култури засолнети во Скопје“,
од Олга Чоланчевска,
Здружение „Урбис“, 2001 г., Скопје
