Македонски јазик за странци за почетно рамниште:

Почетното рамниште по македонски јазик за странци е наменето за возрасни говорители на коишто македонскиот јазик им е странски/втор јазик и кои сакаат да се здобијат со знаења по македонски јазик на почетно рамниште од која и да е причина. Учениците можат да бидат целосни почетници и лица со мали познавања на македонскиот јазик. Целта на почетното рамниште по македонски јазик за странци е учениците да го усвојат македонскиот јазик до рамниште на коешто ќе можат соодветно да разговараат на секојдневни теми во едноставни говорни околности.
Почетното рамниште по македонски јазик за странци е обликувано во согласност со прописите претставени во Заедничката референтна европска рамка за современите јазици поставена од Советот на Европа и во таа рамка им соодветствува на почетните рамништа А1/А2.
На почетното рамниште по македонски јазик за странци се користи разговорен метод, при што се опфатени сите четири јазични вештини: слушање (разбирање на говорен текст), читање (разбирање на пишан текст), пишување и зборување (говорно-заемно дејство и говорно творење).
Почетното рамниште по македонски јазик за странци е составено од осум уроци на кои им претходи уводен урок наменет за запознавање со македонската азбука и акцент. По секој урок следуваат граматички вежби.
Почетното рамниште по македонски јазик за странци е изработено во рамките на проектот „Надградување на студиските програми по македонски јазик како странски јазик“, финансиран од Темпус-програмата, која се работеше на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Филолошки факултет „Блаже Конески“, Центар за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски/втор јазик, Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици.
Почетното рамниште по македонски јазик за странци е подготовка за возрасни кандидати за полагање на ТЕМАК – Тест по македонски јазик за странци, кои сакаат да се здобијат со овластено уверение за степенот на познавање на македонскиот јазик како странски на почетно рамниште.
Учебник по македонски јазик за странци
за почетно рамниште „Божилак“
Татјана Гочкова-Стојановска,
Искра Пановска-Димкова
Македонски јазик за странци за средно рамниште:

Средното рамниште по македонски јазик за странци е наменето за возрасни што се занимаат да го изучуваат македонскиот јазик како странски на средно рамниште. Средното рамниште по македонски јазик за странци е осмислено во согласност со прописите на Заедничката европска референтна рамка за современите јазици, поставена од Советот на Европа, и во таа смисла е приспособено за настава на рамништата Б1 и Б2.
Во наставните содржини на средното рамниште по македонски јазик за странци се вградени разговорни и граматички единици за четирите јазични вештини: читање, слушање, пишување и зборување.
Средното рамниште по македонски јазик за странци е составено од осум уроци. По секој урок следуваат граматички вежби.
Средното рамниште по македонски јазик за странци е подготовка за возрасни кандидати за полагање на ТЕМАК – Тест по македонски јазик за странци, кои сакаат да се здобијат со овластено уверение за степенот на познавање на македонскиот јазик како странски на средно рамниште.
Учебник по македонски јазик за странци
за средно рамниште „Ѕуница“
Гордана Алексова
Македонски јазик за странци за напреднато рамниште:

Напреднатото рамниште по македонски јазик за странци е наменето за возрасни изучувачи на македонскиот јазик што се занимаат да го унапредат своето знаење на македонскиот јазик на високо напреднато рамниште. Напреднатото рамниште по македонски јазик за странци е осмислено во согласност со прописите претставени во Заедничката европска референтна рамка за современите јазици поставена од Советот на Европа и во таа рамка му соодветствува на рамништето Ц1.
На напреднатото рамниште по македонски јазик за странци се користи разговорен метод, при што се опфатени сите четири јазични вештини: читање (разбирање на пишан текст), слушање (разбирање на говорен текст), пишување и зборување (говорно-заемно дејство и говорно творење).
Напреднатото рамниште по македонски јазик за странци е составено од осум уроци. По секој урок следуваат граматички вежби.
Напреднатото рамниште по македонски јазик за странци е подготовка за возрасни кандидати за полагање на ТЕМАК – Тест по македонски јазик за странци, кои сакаат да се здобијат со овластено уверение за степенот на познавање на македонскиот јазик како странски на напреднато рамниште.
Учебник по македонски јазик за странци
за напреднато рамниште „Виножито“
Анета Дучевска,
Симон Саздов


