Училиштето за македонски јазик за странци Ананија е првото приватно специјализирано училиште за јазик во коешто се изучува македонскиот стандарден јазик како странски. Идејата за основање на училиштето Ананија се роди токму од потребата за такво специјализирано училиште за македонски јазик, а заради недостаток од истото.
Досега странските државјани го учеа македонскиот јазик во приватни услови, надвор од каква и да е образовна установа, или во училиштата за странски јазици, доколку се пријават одреден број слушатели-странци. Според нашите истражувања, горенаведените начини за изучување на македонскиот јазик за странци ниту од далеку не можеа да ги задоволат потребите на пазарот. Вработените во дипломатските и странските претставништва во Република Македонија како и нивните семејства сега имаат можност да го изучуваат македонскиот јазик во институционални услови токму овде во Скопје, во нивна непосредна близина. Студенти од странство коишто студираат или имаат намера да студираат на универзитетите во Република Македонија сега имаат можност да го научат македонскиот јазик, посетувајќи ги нашите курсеви секојдневно, и да бидат оспособени непречено да посетуваат настава на македонски јазик. Студентите што посетуваат настава по македонски јазик на универзитетите во странство сега имаат можност да дојдат во Македонија, во нашето училиште, да посетуваат настава по македедонски јазик, каде што имаат можност да го практикуваат македонскиот јазик.
Туристи-љубители на јазици, сега посетувајќи ја Македонија, во исто време, можат и да го учат македонскиот јазик. Македонците од дијаспората се исто така добредојдени во нашето училиште каде што можат да го учат јазикот на нивните прадедовци во татковината на нивните прадедовци. Средношколци и и основношколци што имаат потреба од дополнителна настава по македонски јазик при подготовка за тестови, екстерни тестови и државна матура се исто така добредојдени.
Поради потребата што ја наложува Законот за македонски јазик, секој пишан текст на македонски јазик што излегува од печат треба да има извршено лектура, односно задолжитено е сите текстови што излегуваат од печат во Република Македонија да бидат на стандарден македонски јазик, затоа во нашето училиштето вршиме и лектура на секаков вид текстови од страна на овластен лектор на македонскиот јазик.
Во октомври 2015 година, кога започна со работа Првото училиште за изучување на македонскиот јазик како странски, имавме забележителен успех и Училиштето започна со работа со голем број љубители, изучувачи на македонскиот јазик. Наставата ја следеа и успешно ја завршија студенти од Америка, Грузија, Романија, Естонија, Германија и Кина.