Македонскиот јазик е најјужниот јужнословенски јазик. Македонските дијалекти на исток се во контакт со бугарските, а на север со српските, на запад се граничат со албанските, а на југ со грчките говори. Тоа значи дека македонскиот јазик само од две страни е во контакт со соседните јужнословенски јазици. Истовремено, македонскиот јазик е и член на балканскиот јазичен сојуз. Всушност, според зборовниот состав, македонскиот јазик им припаѓа на словенските јазици, а според граматичката структура ги носи карактеристиките на другите балкански јазици, со тоа што во поглед на развивањето на некои црти македонскиот јазик отишол најдалеку.
Македонскиот јазик е службен јазик во Република Македонија. Поради историските околности (балканските војни), Македонци-староседелци има во Бугарија, во Грција и во Албанија, а преселени (по Втората светска војна) има во Војводина (Србија). Македонски иселеници живеат во Австралија, во Канада, во САД и во Европа. Настојувањето за целосно вклопување во соодветните средини доведува до тоа кај втората, а особено кај третата генерација македонски иселеници да дојде до напуштање на македонскиот јазик, односно до негово сведување на неколку основни зборови и изрази.
Почетокот на писменоста и на литературното творештво на македонски јазик е врзан со почетокот на писменоста на сите словенски народи. Првите словенски текстови, напишани/преведени од светите браќа Кирил и Методиј, во својата основа го имаат народниот говор на македонските Словени од околината на Солун. Станува збор за старословенскиот јазик, кој потоа се развива во повеќе варијанти/редакции во зависност од средината (црковнословенски јазик). Писменоста и литературната дејност ја продолжиле (во македонска средина) св. Климент Охридски и св. Наум Охридски.
По Втората светска војна Република Македонија влегува во состав на ФНР/СФР Југославија и тогаш се создаваат услови барем во Република Македонија да се воведе како службен македонскиот јазик. Едно од првите решенија на АСНОМ беше дека во Република Македонија се воведува македонскиот јазик и тоа не треба да се толкува како мешање на политиката во јазични прашања, туку како исправање на една вековна неправда што му била правена на македонскиот народ. Во својот Водич низ словенските јазици (1951:243), Реџиналд де Бреј, делот посветен на македонскиот јазик го започнува на следниот начин: По иронија на историјата, народот чии претходници им го дадоа на Словените нивниот прв литературен јазик, последен успеа да постигне неговиот јазик да биде признат како одделен словенски јазик, различен од соседните: српскиот и бугарскиот.
Различни автори проценуваат дека на македонски јазик зборуваат околу два милиони зборувачи.
Лилјана Минова – Ѓуркова
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Филолошки факултет „Блаже Конески“
Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици